Македонија
6. September 2022 - 16:38

Референдум: ВМРО-ДПМНЕ ја почнува процедурата повикувајќи на мобилизација

Семакедонско обединување на сите граѓани на пролет за успешен референдум побара лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ. Мицкоски утре ја почнува процедурата во ДИК за собирање потписи и се надева дека власта нема да го опструира процесот. Поништување на договорот за добрососедство е целта на опозицијата која го оценува како асимилаторски и уценувачки. Мицкоски на брифинг со новинарит побара поддршка и од медиумите. Убеден е дека ќе ги добие потребните 910 000 гласови за да биде успешен референдумот. Кампањата ќе ја водат позитивно, под слоганот „Излези за Европа - Не за асимилација“.

Референдумот ќе биде обврзувачки, бидејќи би било крајно несериозна работа доколку би бил спроведен само како консултативен. Бројката на излезени граѓани кои ќе се изјаснат против Договорот ќе биде најдобар показател за делегитимирање на власта и порака за предвремени избори.“ порача Мицкоски на брифинг со новинарите.

Тој не смета дека со поништување на договорот ќе биде загрозен евроинтегративниот процес на државата.

„Доколку референдумот е успешен, може да се преговара за нов договор со Бугарија. Тоа нема да биде пречка преговорите со ЕУ да продолжат.

 ВМРО ДПМНЕ не е против бугарите да бидат вметнати во Уставот, но Мицкоски тврди дека не  добил гаранција од меѓународната заедница дека тоа ќе биде последно барање од Бугарија.

 „Немаме ништо против Бугарите да бидат дел од Уставот, но со што Бугарија покажа дека е добар сосед? Тие упорно тврдат дека не постои македонскиот јазик и Македонците. Ова ќе биде најголемиот тест за македонскиот народ во поновата историја. “

И Мицкоски и координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ порачаа дека без разлика дали ќе биде успешен референдумот, тие нема да гласаат за уставни измени во Парламентот.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ истакна дека ја добиле поддршката од сите коалициони партнери,  бројни јавни и општествено истакнати личности а очекува да ја добие и од останатите партии. Референдумското прашање  ќе гласи

„Дали сте за напуштање на важноста на ЗАКОНОТ ЗА РАТИФИКАЦИЈА НА ДОГОВОРОТ ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО, ДОБРОСОСЕДСТВО И СОРАБОТКА МЕЃУ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА  објавен во Службен весник бр: 12/2018 од 18.01.2018 година?