Амфитеатарот во Скупи - Грандиозен објект единствен од таков тип
Македонија ќе добие грандиозен отворен амфитеатар како Колосеумот во Рим. Младите во него ќе можат да следат концерти, претстави и други културни манифестации. Амфитеатарот во Скупи ќе биде единствен од ваков тип во регионот. Ќе има 9000 седишта, а возобновувањето ќе почне во април.
- Амфитеатарот е еден од најзначајните објекти од римскиот период во Македонија и еден од најголемите на Балканот и пошироко. Во рамките на Скупи, прогласен за споменик на културата од прва категорија, вршени се археолошки истражувања, а минативе 2 години првите систематски археолошки испитувања. Според некои проценки на научните работници се смета дека амфитеатарот може да прими 8000 до 10000 гледачи, истакна Никола Груевски, претседател на ВМРО ДПМНЕ.
Груевски посочи дека остатоците од овој археолошки локалитет за прв пат е откриен некаде во 60 те години од минатиот век, но досега не биле превземани никакви активности за подлабинско истаржување, а уште помалку за реставрирање и обнова.
- Целта на проектот кој ќе се реализира е целосна реконструкција врз основа на сочуваните архитектонски елементи и преку аналогија со театри кои се блиски до амфитеатарот во Скупи со што би се овозможило ревитализација на објектот и негова презентација пред пошироката културна јавност преку одржување на културни манифестации со капацитет од 9000 места. Министерството за култура веќе изработи проект, а возобновувањето на отворениот амфитеатар ќе започне во првата половина на месец април оваа година откако претходно треба успешно да завршат сите тендерски процедури за избор на изведувач на градежните работи, истакна Груевски.
За возобновување на амфитеатарот ќе бидат инвестирани околу 8,5 милиони евра. Овој проект е само еден од низата крупни инвестиции во културата кои ќе се реализираат годинава.
Пред Нова година Груевски најави дека ќе се гради нова зграда за Театар Комедија, Драмски театар, а целосно ќе се обнови и Универзалната сала.
- Готов е проектот за Драмски театар во Скопје, во текот на јануари ќе се објави тендер за изведувач за градба. Во јануари веројатно ќе се објави и оглас за изнаоѓање на јавно приватно партнерство за Театарот комедија, доколку тоа не успее тогаш ќе се оди со градба од страна на државата. Објектот кој што треба да дојде на местото на Универзална сала и ќе биде Конгресен центар, проектот е готов и во текот на јануари ќе биде објавен јавен повик за изведувач и четврто се заврши и проектот за театар во Скупи кој што исто така во јануари или февруари треба да биде објавен за изведба, истакна Груевски кон крајот на декември.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
