Македонија
7. February 2016 - 17:31

Ќе помогне ли данокот за маснотии за намалување на дебелината и болестите поврзани со неа

Прво јавни дебати, па потоа можно е и кај нас да се воведе “данок за маснотии” . По примерот на неколку европски држави и Македонија размислува со ваква мерка да се превенира дебелината и болестите предизвикани од прекумерна тежина. Министерот за здравство најавува дека пред да се донесе било каква одлука  задолжително  ќе се дискутира со производителите и експертите.  Според Тодоров  овој чекор следи  по добиените алармантните податоци од  студијата за исхрана во земјава.  Истражувањата покажуваат дека македонците јадат храна со повеќе  маснотии, сол и шеќер од европскиот просек, а дури 80 отсто од населението нема  доволно  физичка активност за подобрување на здравјето.

-Не сакам да бидам сфатен погрешно. Не е ова одлука да се воведе данок, напротив сакаме сериозно да се издебатира затоа што импактот на здравјето од прекумерното користење на масти, шеќери и сол и немање на доволна физичка активност директно влијае на здравјето на граѓаните. Тоа е она што сега во најголема мера ги полни болниците и што во наредниот период се повеќе ќе ги полни. Превентивни програми се значајни и додаде дека сепак и животните стилови и навики сериозно влијаат на општата здравствена состојба на целото население во државата, изјави Никола Тодоров,министер за здравство.

“Данок за маснотии” или “данок за јавно здравје” на одредени продукти има во Унгарија, Франција, Финска, Данска, а ваква мерка за намалување на дебелината најавуваат дека ќе воведат Ирска и Велика Британија.