Извршители ја празнат сметката на Министерството за здравство
Министерството за здравство остана во зијан повеќе од еден милион евра поради ненавремена исплата на заостанат долг. Пред две недели со извршител од сметката биле повлечени околу 120 милиони денари бидејќи никој не ги платил услугите на скопскиот центар за јавно здравје за време на поплавите во Стајковци во 2016 година. Ова е прв пат јавна здравствена установа да го тужи министерството, да го добие спорот и да земе толку голема сума. Постапката низ судовите ја покренал поранешниот директор во Центарот Арбен Зибери непосредно пред ковид пандемијата, бидејќи ниту Тодоров, ниту Таравари ниту Филипче како министри го платиле долгот.
- Кога дојдов како директор во Центарот правниците ми кажаа дека не нашле заеднички јазик за долгот, тужбата веќе беше подготвена и ми кажаа дека има уште неколку денови рок за исплата и ако не постапат по тужбата, може за тоа кривично да се одговара, изјави д-р Арбен Зибери поранешен директор во Центарот за јавно здравје.
Состојбата со поплавите беше вонредна а епидемиолошките тимови од Центарот за јавно здравје со полн капацитет работеле по налог на Владата и Министерството за здравство.
-Тие активности не беа предвидени во нашата годишна програма, беа вонредни и бевме со цел капацитет. Со тоа што работевме спречивме да дојде до заразни заболувања, изјави доц. Др. Валентина Симоновска од Центарот за јавно здравје – Скопје.
Во 2016, 2017, 2018 и 2019 пред да биде поднесена тужбата, никој од здравствените власти не бил заинтересиран за исплата на долгот а тоа имало негативни последици во Центарот за јавно здравје кој бил во лоша финансиска состојба.
-Ако не се исплати навреме тоа се одразува врз платите на вработените и нивно доцнење и врз исплата на побарувања кон добавувачи, вели Симоновска.
Центарот со парите што ги земале со извршител ќе ги наменат за подобрување на условите за работа. Празнењето на сметката на министерството за здравство пак е на штета на сите граѓани бидејќи повеќе од еден милион евра што ги дале дополнително од долгот е колку две програми за превенција на малигни болести. Но не е само овој судски спор.
Во моментот во МЗ има евиденција за десетина предмети кои се во судска постапка и тие се во различна фаза, односно до овој момент за истите нема судска разрешница.
Станува збор за спорови од работни односи, спорови кои се однесуваат на тековно одржување и сл, велат од МЗ.
Министерството за здравство го очекува дополнителна уште поголема загуба со плаќањето на пенали од 8,5 милиони евра за неизградениот клинички центар.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
