Македонија
28. October 2022 - 16:31

Огромен интерес за вакцинација против сезонски грип, за ковид вакцина никој не се интересира

Со донација од 20 000 вакцини против сезонски грип кои чекаат да го поминат филтерот во МАЛМЕД надлежните ќе ја покриваат големата заинтересираност на граѓаните за имунизација.

Тимовите во пунктовите веќе аплицирале повеќе од половина од дозите што ги набави Министерството за здравство и се бесплатни за ризичните групи а побарувачка има и за комерцијалните.

-Доколку интересот е многу голем и има потреба од дополнителни вакцини ние ќе ги искористиме сите можностии капацитети да набавиме дополнителни, вели Беким Сали министер за здравство.

Имунизацијата годинава почна на време а дел од епидемиолозите и пулмолозите апелираа на заштита на населението бидејќи годинава вирусот може да биде поопасен од претходните сезони. Ќе има и вакцинирање на на терен.

-Од следната недела имунизација во здравствени домови со тимови кои ќе вакцинираат во старечки домови и дијализни центри, вели Сали.

-Октомври и ноември се најдобар период за заштита од грипот и затоа апелирам на масовна заштита на населението и масовна вакцинација, вели Бесим Зекири директор на Центар за јавно здравје – Скопје.

И додека за една недела илјадници граѓани добија вакцина против грип, речиси никој не оди на имунзиација против ковид 19. Неделно едвај 100 граѓани ги посетуваат пунктовите за заштита од пандемискиот вирус.