Министерот за правда не гледа вина, ДКСК порачува дека дискреционото право е основен извор на корупција
Министерот Тупанчевски одговорноста ја посочува кај сите други институции за скандалот со предвременото полагање правосуден испит, освен во министерството со кое раководи. Тврди дека ова се случувало во време кога законот давал можност со решение министерот за правда да одлучува кој ги исполнува условите за полагање.Тупанчевски тврди откако е тој министер такви случаи немало.
- Доколку навистина постојат случаи коишто се граничат со примената на законот тогаш би требало да реагираат и другите институции. Целата состојба треба да се провери, како што дознав од медиумите, не се работи за еден случај, туку се работи за примена на дискреционо право на именуван функционер. Дефинитивно некој го искористил тоа дискреционо овластување и токму затоа од тие причини законот е изменет за да не постои никаква можност во иднина. Еве јас 10 месеци сум министер, не сум ни помислил да дадам некој предвремено да полага правосуден испит.
За претседателката на ДКСК Ивановска ова е спорно, законот ниту порано ниту со измените не предвидувал министерот сам да одлучува, напротив истото е казниво со закон.
- Тоа никаде не постои во закон. Дури, во претходниот закон стоеше дека следува казна доколку му се дозволи на некој да полага пред време. Значи, нема простор за дискрециско право. Дискрецијата сама по себе создава многу непријатности и е основен извор на корупција затоа што дозволува да дојде до израз моќта на поединецот, суетата, влијанието од политиката итн. Затоа нашата заложба е да се минимизираат дискрециските права и да има објективен начин и за следење, и за покажување.
Полагањето правосуден испит е утврдено според строги законски норми кои секој мора да ги почитува порача претседателот на адвокатската комора.
Барлет Џафери син на собранискиот спикер е еден од 437 студенти од универзитетот ЈЕИ Тетово кои полагале правосуден испит иако не ги исполнувале условите. Џафери добил право да полага во 2015г со потпис од тогашниот министер за правда Аднан Јашари. Овој скандал предизвика бурни реакции во правната фела која бара итна ревизија на сите правосудни испити положени од пред 7 години, за што од министерството за правда велат немаат такви податоци во архивата.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
