Македонија
24. December 2022 - 16:33

Скопје на врвот на светските листи за загаден воздух, активирани мерките за заштита на граѓаните

Вака денеска се гледаше Скопје од Водно. Главниот град втор ден по ред е трет најзагаден град во светот. Тешко се дишеше и синоќа поради високата концентрација на штетните ПМ честички. Според официјалните податоци од мерните станици вчера во Центар и Лисиче е измерено 5 пати поголемо аерозагадување од максималните 50 мг на м3. Прагот на алармирање е надминат и во Струмица, Кичево, Кавадарци.

Во овие општини и Градот Скопје стапуваат на сила препораките и мерките за намалување на последиците по здравјето поради зголеменото загадување на воздухот усвоени од Владата во 2017 година информираат од министерството за животна средина.

- Да се ослободат од работа бремените жени,  постарите од 60 години, акко и лицата со астма, прележан инфаркт или  мозочен удар без разликана возраста.

- На отворено да се работи од 11 до 17 часот.

- Да не се организираат спортски натпревари и културни манифестации на отворено.

- Брзата помош, патронажната служба и домашната посета да ги зголемат активностите.

- Државните институции да го намалат до 50 проценти користењето на службените возила

Инспекторатот за животна средина да започне со зачестени контроли на капацитетите кои имаат А дозвола и да спроведат контролни мерења на воздухот и истите да го намалат просизводството до 50 проценти со исклучок на топланите и капацитетите кои произведуваат електрична енергија.

Ова се дел од мерките за справување со алармантно загададениот воздух.

Од „Зелен хуман град” сметаат дека  препораките нема да помогне за да почнеме да дишеме чист воздух.

-Не се доволни зошто не се обврзувачки. Вие може да препорачате на некој субјект кој има А интегрирана дозвола да го намали капацитетот до 50 проценти. Кој ќе го направи топа, кој проверува дали некој го направил тоа. Тоа е препорака само. Тој може да го зголеми производството за 200 отсто. Со препорака ништо не правиме, изјави Горјан Јованосвки, од Зелен хуман град и советник во Град Скопје.

Мерки за справување со загадениот воздух должни се да спроведат и општините. Но, од единиците на локална самоуправа засега нема најава за бесплатен автобуски превоз, почесто миење на улиците, забрана за градежни активности.

Јовановски од „Зелен хуман град” смета дека ниту овие краткорочни мерки нема да имаат значаен ефект во намалување на аерозагадувањето.

-Локалните самоуправи треба да гледаат на долг рок ако сакаме да дишеме чст воздух. Потребен е плански начин со добар ГУП за наредните 10 години во Скопје, додаде Јовановски.

Во меѓувреме граѓаните продолжуваат со сопственото здравје да го плаќаат данокот на загадениот воздух. Веќе има згоменен број на пациенти на Клиниката за пулмологија.