Македонија
4. January 2023 - 16:35

Загадувањето рекордно, маглата попушти доволно за неколку успешни полетувања и слетувања

Авиосообраќајот неколку дена е непредвидлив поради густата магла. Откажани или одложени летови има и денеска и покрај благото расчистување на оваа густа обвивка над скопската котлина. Летовите за Истанбул и Дортмунд откажани, за Лондон, Фридрихафен, Женева се одложени. По 12 часот напладне ситуацијата се стабилизира, па патниците за одредени дестинации полетуваа со одложување од час и половина. Попладнево беше по раздвижено и низ главниот град, сонцето ги измами скопјани по неколку дена да излезат на кратка прошетка но за чист воздух велат мора да се оди на планина.

Од утрово Скопје е на 9 место најзагадени градови во светот, а највисоки ПМ 10 има во Општина Кисела Вода. Мерки за заштита на граѓаните од загадениот воздух  во главниот град нема,  од вчера се укинати во Битола и Тетово.Од еко герила вината ја гледаат во властите кои трошат пари на се и сешто освен за подобрување на амбиенталниот воздух. Ниту инспекторите не претставуваат опасност за загадувачите бидејќи казни речиси и да нема.

Од државниот инспекторат за животна средина тврдат дека извршиле конторли на сите инсталации со А интегрирана дозвола но резултати не откриваат. Во текот на вчерашниот ден и денеска се вршат мерења во околината на Усје по што ќе информираат дали фабриката ги почитувала стандардите. Според анализата на О2 за периодот од 2005 до 2022, годишните вредности за  ПМ10 според СЗО до 15микрограми на м3, се исполнети само во Лазарополе. Посочуваат дека сериозен проблем за да се добие вистински просек, се деновите кога нема податоци за загадувањето. Спроед нивната анализа најзагадено лани било во Струмица и Кичево, а последниве две години најниски вредности биле регистрирани во Скопје, Тетово, Миладиновци, Кочани, Битола и Гостивар. Троцифрените вредности за PM10 се јавуваат кога индустријата работи без филтри.