Македонија
15. January 2023 - 16:34

Здравство не се откажува од Законот за заштита од заразни болести - Доктор Даниловски предупредува на нелогичности

Министерството за здравство не планира да интервенира во Законот за заштита на населението од заразни болести, кој по бурните реакции од јавноста и стручната фела пред еден месец беше тргнат од собраниска процедура. 

Забелешките најмногу се однесуваат на кршење на Уставните права поради ограничување на движењето и евентуална злоуботреба на личните податоци при електронското следење на граѓаните и нивните контакти преку платформи или интернет апликации во случај на заразна болест.

-Законот за заразни болести е одложен од разгледување за некоја од наредните собраниски седници, одговорија кратко од Министерството за здравство.

Инаку овој предлог закон на здравство наместо преку матичната оди преку Комисијата за европски прашања со образложение за усогласување со ЕУ регулативата. 

Според професорот по епидемиологија Драган Даниловски има неколку спорни моменти кои не се по законодавството во Европската Унија, еден од нив е внесување на Ковид-19 во листата на заразни болести и предлогот да се забрани влез во објекти на невакцинирани или непрележани. 

Епидемиологот е категоричен дека сега нема логика за вакво нешто бидејќи ниту најновите вакцини не нудат заштита од заразување со последните варијанти.

-Затоа што, целосно вакцинираните и прележаните независно од вакциналниот статус, подеднакво можат да се заразат и да го шират вирусот, исто како непрележаните и сосема невакцираните. Тогаш, која е смислата на таквата забрана? Мене ми мириса на суптилен обид да се принудат  луѓето да се вакцинираат? Зарем сега на крајот на пандемијата, изјави професорот по епидемиологија Драган Даниловски.

За епидемиологот Далиновски друг спорен момент е членот со кој се предлага електронско следење и трагање по контакти на заразено лице. Според него кај нас многу лесно можат да се злоупотребат личните податоци што исто така е загарантирано со Уставот.

-Кај нас, тоа би бил „меч со две острици“. Примената на такви методи би била опасна во нашиве услови на лабаво почитување на прописите на сите нивоа и при скромно ниво на електронска заштита на личните податоци. Ризиците за злоупотреба би биле немерливи! Можеме ли ние да се споредуваме со Јапонија?, прашува професорот Даниловски.

Професорот Даниловски порачува пред да се направи уште еден обид да се протне ваквиот Закон за усвојување во Собрание да се направи јавна дебата со експерти од релевантни области, затоа што станува збор за суштествен здравствен закон со кој не треба да има брзање ниту политичко надмудрување.