Првиот повик пропадна, ќе има ли заинтересирани за вториот повик за приватни линии во Скопје?
Пропаѓа ли и вториот јавен повик на Град Скопје за ангажирање приватни превозници на три градски линии. Утре напладне истекува рокот, а според информациите до сега никој не се пријавил. Приватниците ја бојкотираат градоначалничката Арсовска која прво им го раскина договорот а потоа објави јавен повик. Овој пат огласот е за линиите 9, 11, 12. Сега ЈСП сообраќа по зимскиот редослед, но ќе има ли доволно автобуси откако ќе заврши зимскиот распуст на учениците за сега нема одговор од Град Скопје.
Арсовска тврдеше дека градот може да функционира и без приватните автобуси, но со двата огласи го покажува спротивното бидејќи се бараат дополнителни 48 автобуси и 103 возачи за овие 5 градски линии. Оттаму најавуваат дека со новиот буџет на Град Скопје планирано е да набават 50тина нови автобуси за јавното претпријатие.
Премиерот иако вети дека штом биде прекинат протестот тој ќе ги повика на средба приватните превозници тоа до денеска не се случи. Ковачевски се уште ги чека резултатите од инспекцискиот надзор на УЈП во ЈСП.
Приватните превозници тврдат дека договорот им е незаконски раскинат и очекуваат со одлука на Влада да бидат вратени во системот на јавниот градски превоз а за долгот кој ЈСП го има кон нив да се договорат како ќе им биде исплатен по пат на медијација.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
