Македонија
19. April 2023 - 16:32

Снимањето за „Тик Ток“ не му бил прв испад на анестезиологот

Освен што снима и емитува во живо пациенти и колеги на Тик Ток, анестезиологот од Тетово користи и вулгарни и недолични зборови, се смее и ги омаловажува пациентките кои во тој момент биле на гинеколошкото одделение во болнички кревети. Според неофицијалните информации 43 годишниот лекар и претходно непримерно се однесувал. За ова слушнал и министерот за здравство.

-Добив непотврдена информација за претходно несовесно однесување на лекарот, но немало ништо запишано и претходно не била покрената никаква постапка, дисциплинска или каква било друга. Не знам зошто. Тоа може да го споделам, до пред две-три недели, замислете, немало ниту дисциплинска комисија во таа болница. Не знам зошто, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

Уште пред да излезе Лекарската комора со официјален став зошто тече рокот на жалба, Фатмир Меџити изјави дека лиценцата на докторот ќе му биде одземена на максимални 7 години, а кога ќе заврши  судскиот процес може и трајно да остане без неа.  Дента кога беше во Тетово го разрешил и организацискиот директор, зошто не бил на работа кога се случувал скандалот, дошол дури после два часа. Тој најави дека денеска ќе биде назначен нов менаџер на болницата.

И додека периодов се поставуваат организациски директори согласно партиските договори дури и во Клиники и болници каде немало, истите тие ќе добиваат по околу 1800 евра плата со покачувањето за 78 проценти.Според Меџити законот обврзувал да е така за сега, а понатаму ќе правеле пресметки дали ќе требаат и економски директори. И тој како и неговите претходници најави спојување на Клинички, наместо 30 –тина посебни клиники.

-Бидејќи веќе најавив, ќе има спојување на клиничкиот центар, тогаш се подразбира по автоматизам дека ќе има само еден генерален директор како порано. Тоа е во интерес на пациентите и буџетот. За подобро здравје и подобри услуги, рече министерот.

Во меѓувреме јавноста се уште чека епилог за двата трагични настани за смртта на малата Јана и новороденчето во Битолската болница.