Македонија
22. јуни 2023 - 13:06

Успешно се спроведува конзервацијата на „Билазора“

Kонзервацијата на палатата на локалитетот „Билазора“ во Свети Николе, која ја реализираат тимови од Завод и музеј на град Штип и Филозофски факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“- Скопје, е во тек. Досегашните истражувања зборуваат дека градбата започнала околу петти век пред нашата ера, а веќе во четвртиот век била во полна употреба. Во овој период има и податоци за кралеви и историски настани поврзани со неа, што е една нова недоволно позната историска страница.

,,Годинава работиме на доистражување источно од палатата на просторот надвор од палатата, заради тоа што не можеме да ја отвориме целата поради нерешени имотно-правни односи. Се концентриравме на еден простор кој беше многу речит, кој ни даваше многу податоци за тоа што било тука пред да се крене палатата, кога е таа почната да се гради, на кој начин се гради, и сето тоа го откриваме на тој простор што сега го истражуваме. Ние најдолу откриваме куќи од железното време со наоди, врз нив тој простор се користел како култен простор, во време кога почнува да се гради палатата, па тука се жртвуваат животни, што го одбележуваат почнувањето на градба на платата“, изјави Драги Митревски, Филозофски факултет при УКИМ- Скопје.

Конзервацијата на владетелската палата е проект одобрен преку Програмата на Министерството за култура за проекти од национален интерес.

,,Последните дваесетина дена работиме на оваа локација. Се средуваат скалите, се средуваат оние пропратни елементи кои се поврзани со палатата. Минатата година го започнавме овој проект, оваа година го реализираме она што беше замислено, и од догодина се надевам дека ќе продолжиме со конзерваторските истражувања и изготвување документи за конзервација'', изјави Митко Штерјов, директор на Завод и музеј- Штип. 

Минатиот месец беше реализиран проектот за археолошки истражувања на Пилав Тепе, каде е откриена огромна базилика, а за следниот период останува уште проектот на Трескавичка чука на езерото Мантово.