Македонија
23. јуни 2023 - 12:24

Расте интересот за техничките струки

Прелиминарните податоци од уписот на идните средношколци во штипските средни училишта, покажуваат дека интересот за гимназија и текстилното училиште опаѓа, а расте за стручно образование. Директорката на средното медицинско училиште, вели дека најпопуларна е струката медицинска сестра, каде има пријавено 30 ученици повеќе отколку што има слободни места. Сите останати паралелки се пополнети со околу 80%.

- Имаме пријавено 188 ученици. По профили би сакала да истакнам дека, за медицински сестри се пријавиле 108 ученици, за забни техничари 19, во фармација 20 ученици, физеотерапевтски техничар 24 ученици и гинеколошко-акушерска сестра имаме пријавено 24 ученици, изјави Марија Николиќ, директорка на СОУ „Јане Сандански“-Штип.

Во средното стручно училиште, пополнети се паралелките за електротехничар за компјутерска техника и автоматика од електро струката. Бројот на запишани ученици во првиот уписен рок  е поголем од минатата година, но се уште има слободни места.

- Доста сме задоволни од одзивот на учениците. Имаме 164 ученика веќе пријавени според електронското пријавување. Остануваат, во електроника и телекомуникации, имаме слободно за електротехничар-енергетичар. Во машинската струка слободни места има за техничар за компјутерско управување, машински техничар, техничар за моторни возила. Значи имаме се уште смерови со солободни места, така што за вториот уписен рок ќе чекаме уште ученици, изјави Александра Романова - Тасевски, професорка во СОУ „Коле Нехтенин“-Штип.

Вториот уписен рок за полуматурантите е веќе следната недела.