Македонија
9. July 2023 - 16:32

Меџити го раскина договорот за штипската клиничка болница

Министерството за здравство еднострано го раскина договорот за изградба на новата клиничка болница во Штип. Во интервју за Макфакс, ресорниот министер Фатмир Меџити информираше дека, ќе ја активираат и банкарската гаранција, зашто изведувачот не испочитувал ниту еден од предвидените рокови за финализирање на изградбата.

- Требало да биде изградена во 2018-та болницата во Штип, не е изградена. Па требало до 2023-та, до сега во јуни, што помина, требаше да се даде во употреба, не е дадена и јас постапив, го раскинав со сите права кои што ги имаме и ќе ја активирам и банкарската гаранција. Значи многи сум сериозен во моето делување и јас и тимот, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

Новата клиничка сепак ќе се гради, но ќе мора да се отпочне со нова процедура, открива Меџити.

- Може да трае 6 месеци максимум и да почне еднаш засекогаш таа болница и тој дел на источна Македонија да добие објект каков доликува на здравството и да примаат такви здравствени услуги- додаде Меџети

Со градба се започна во 2016-та година. Според идејниот проект болницата е со површина од 34 000 м2, на 5 каскадно поврзани нивоа. За градежните работи и ентериерно уредување со целата потребна медицинска опрема планирана беше инвестиција од 46 милиони евра.