Загина 17-годишно момче во сообраќајна несреќа
17 годишник загина а уште едно лице е повредено во тешка сообраќајна несреќа што се случи синоќа на излезот од Струмица кон селото Дабиле. До несреќата дошло неколку минути пред полноќ, кога се судриле мотор марка Јамаха управуван од 17 годишник од селото Градашорци и патничко возило БМВ кое било управувано од 25 годишен жител на селото Босилово. Загинатото момче кое било сопатник на моторот починало на лице место , додека неговиот врсник што го управувал моторот се здобил со тешки телесни повреди.
,, Во 23.50 часот во СВР Струмица било пријавено дека на булевар ,,Гоце Делчев“ во Струмица се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл јамаха со струмички регистарски ознаки, управуван од 17 годишник од село Градашорци, струмичко и патничко возило бмв со бугарски регистарски ознаки, управувано од Ѓ.Д.(25) од село Босилово, струмичко. Од здобиените повреди, на местото на несреќата починал 17- годишен сопатник на мотоциклот, а лекар од Итна медицинска помош Струмица констатирал смрт. Додека, со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Медицински центар Струмица.,, информираше Александра Трајанова, порпарол на СВР Струмица.
Веднаш по несреќата увид на местото извршиле Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и увидна екипа од Полициската станица Струмица. Причините поради кои дошло до несреќата ќе бидат познати по целосното завршување на истрагата.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар