Македонија
1. September 2023 - 16:42

Спречен закоп на 9000 свињи поради свинска чума во карбинските села - жителите стравуваат од еколошка катастрофа

Локалната самоуправа на Карбинци и жителите на оваа рурална општина на истокот не дозволуваат на нивна територија да бидат закопани околу 9000 свињи, кои треба да бидат уништени откако на фарма во с. Таринци се појави болеста африканска свинска чума. Синоќа ги запреле багерите кои требало да ископаат јама во близина на селата Таринци, Нов Караорман и идустриската зона. Стравуваат дека тоа ќе биде извор на заразни болести, а може и да им ги загади и подземните води.

- Како над селото, таму ни е системот за водоснабдување, како таму.

- Тоа е страшна работа, за тоа не треба ниту да се замисли. Целата мрснина ќе излезе, тоа ќе биде депонија, не знам каква. - анкета жители на с. Таринци.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека свинска чума е потврдена кај 9 свињи на фармата, а општината законски е должна да обезбеди локација за јамата за закопување на 9000 свињи во близина на жариштето, во спотивно ќе побараат кривична одговорност. Градоначалникот со став дека, пропустот е направен во минатото, издадена е А интегрирана дозвола, без  да се предвиди локација за ваков случај.

- Да закопате 9000 мртви животни е навистина потенцијална хаварија за жителите на општина Карбинци. Агенцијата за храна и ветеринарство официјално со никаков допис се нема обратено кај нас во овие неколку денови. Она што тие го бараат, го бараат усно и преку други институции, изјави Виктор Паунов, градоначалник на О. Карбинци.

Општината има предвидено две локации за закопување на мртви животни, но тие не се соодветни за болеста и бројот на животни кои требаа да се закопаат. Затоа Паунов побара во решавање на проблемот да се вклучи и Министерството за животна средина, а мислење ќе побара и од Советот на општината и локалното население.