Македонија
13. July 2025 - 17:00

Нерешени имотно правни работи - најчеста причина за нарушени семејни односи во Македонија

Нерешени имотно правни работи се најчеста причина за нарушени семејни односи во Македонија. Психологот Фики Гаспар вели дека ова го покажале повеќе истражувања во земјава. За ваквите односи да прераснат во семејни трагедии влијаат повеќе фактори, но најчестиот е тешката финансиска состојба на граѓаните.

Гаспар смета дека заканите и објавите на социјалните мрежи треба да бидат сериозен индикатор за институциите да можат да препознаат профил на потенцијален убиец, но вели секој случај е посебен и комплексен.

И психологот Мирјана Стојановска смета дека објавите на социјалните мрежи треба да бидат индикатор за институциите, иако вели дека е многу тешко да се процени која закана навистина може да прерасне во трагедија.

Психолозите апелираат до сите кои се соочуваат со вакви нарушени односи во семејството да побараат стручна или институционална помош, со цел да се спречат вакви трагедии во иднина.