Кризната состојба за горивата ќе продолжи до април, намалено ДДВ за дизелот до 20 октомври
Кризната состојба за нафта и нафтени деривати ќе биде продолжена за уште шест месеци, до април следната година. Ова денеска го најави премиерот Мицкоски, иако, како што рече, постојат најави за можно смирување на состојбата на меѓународните пазари.
„Дај Боже да дојде до деескалација и смирување на состојбата за да можеме да ја прекинеме кризната состојба, но кризната состојба ќе ја продолжиме уште шест месеци, мислам до април“, изјави Мицкоски.
Покрај продолжувањето на кризната состојба, во сила остануваат и мерките за намалување на цените на горивата.
Владата вчера го продолжи намаленото ДДВ за дизелот од 18 на 10 отсто до 20 октомври, а дополнително скратени се и акцизите за 4 денари и кај дизелот и кај бензините.
„Со оваа мерка влијаеме врз малопродажните цени на горивата и ги ублажуваме надворешните ценовни притисоци, со цел да го намалиме финансискиот товар врз граѓаните и стопанството. Продолжуваме внимателно да ги следиме состојбите на меѓународните пазари и навремено да реагираме со мерки што придонесуваат за заштита на животниот стандард и економската стабилност“, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Но, цената на суровата нафта на светските берзи повторно бележи раст. Вчера тргувањето заврши со цена од 104,7 долари за барел, наспроти 102,2 долари минатиот петок.
Новите малопродажни цени на горивата во земјава Регулаторната комисија за енергетика ќе ги утврди во вторник.
Токму мерките за справување со кризата и намалените приходи од давачките за горивата се меѓу главните причините поради кои Владата по вторпат ја прекрои државна каса.
Приходите и расходите се намалуваат за околу 86 милиони евра, а буџетскиот дефицит останува 4,1 процент од БДП.
Од СДСМ, пак, сметаат дека ребалансот не може да се оправдува со кризата и мерките за горивата. Од опозицијата велат дека кризата на Блискиот Исток постоела и пред првиот ребаланс, а ефектот од мерките за горивата е премал за да ги објасни буџетските промени.
Во исто време, предупредуваат дека се кратат околу 93 милиони евра од капиталните инвестиции, додека задолжувањето продолжува.
„Парите за пат, училиште и болница се сечат. Парите за кредит не се сечат. До крајот на годината се најавува нова граѓанска обврзница. Финансирањето се затвора на домашен пазар. Следната година еврообврзница, со камата над 6 проценти. Кредит за да се плати кредит. Тоа не е развој. Тоа е должничко ропство. За две години арамијата го зголеми долгот за околу 4 милијарди евра. Повеќе од половина од долгот од независноста. До крајот на годината уште 250 милиони“, велат од СДСМ.
Мицкоски ги отфрли овие тврдења и направи споредба со поранешната власт. Според премиерот, јавниот долг во периодот на актуелната Влада е зголемен за нешто помалку од 1,4 милијарди евра, додека економијата пораснала за 4 милијарди евра.
Посочи дека во периодот од 2018 до 2023 година, кога владееле СДСМ и ДУИ, јавниот долг пораснал за 3,7 милијарди евра, а бруто-домашниот производ за 3,9 милијарди евра.
„Што значи тоа? Тоа значи дека ако имате компанија и подигнете кредит од 100 парички, вие сте успеале за шест години кога била владата на СДСМ и ДУИ тие 100 парички да ги зголемите на 106 парички, со други зборови инфлацијата ви ги изела. Со оваа влада сте подигнале кредит од 100 парички, сте успеале од тие 100 парички за две години да направите 250 парички, односно два и пол пати повеќе. Одговорно тврдам, и тоа ќе се сложите сите, дека денеска е многу подобро од пред три-четири години, а одговорно тврдам, дека за три-четири години денеска ќе биде многу подобро од денес“, кажа Мицкоски.
Предлог-ребалансот на Буџетот е веќе испратен до Собранието.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
