Македонија
10. October 2026 - 16:38

Оризовите стрништа го палат алармот кај пожарникарите

Палењето на стрништата по жетвата може за кратко време да прерасне во неконтролиран пожар. Со приближувањето на есенската сеидба, пожарникарите од Штип предупредуваат на опасностите од палењето на жетвените остатоци и сувата трева, кои можат да ги загрозат земјоделските површини, шумите и безбедноста на граѓаните.

- Сточарите и земјоделците да не ги палат своите ниви и сувата трева. Со самото запалување може да се предизвикаат сериозни штети. Неконтролираното горење на сувата трева може да предизвика сериозни пожари, но и големи штети врз шумските предели, Благој Ренџов, командир на ТППЕ - Штип.

Дополнителен ризик претставува огнот што се шири кон патиштата, особено кога нивите се во непосредна близина на сообраќајниците. Иако во Штип засега нема позначително влошување на состојбата, пожарникарите предупредуваат дека во Кочанско, Чешиново-Облешево и Карбинско палењето на стрништата останува сериозен проблем.

- Од година во година бројот на интервенции е сè поголем. Дневно, во просек, имаме од две до четири интервенции, и тоа најмногу на сува трева и стрништа, додаде Ренџов.

По завршувањето на жетвата, најголемиот дел од пожарникарските интервенции во Кочанскиот регион се однесуваат токму на запалена сува трева и ожнеани ниви.

И покрај долгогодишните апели и предвидените санкции, палењето и натаму е практика кај дел од земјоделците. За физичките лица што палат стрништа се предвидени казни од 1.500 до 3.000 евра, а можат да останат и без државните субвенции.

Последиците од една ваква постапка, сепак, не се мерат само во пари, туку и во потенцијалната опасност по животот, имотот и животната средина.