Македонија
10. October 2023 - 16:32

22 кандидати побарале поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори

ВМРО-ДПМНЕ го мери рејтингот на 22 потенцијални кандидати за претседателските избори. Десетина од нив се личности кои побарале поддршка од партијата за да се пуштат во трка за претседател. Мицкоски е убеден дека уште во првиот круг ќе издвојат водство со над 100.000 гласови, но е загрижен дека власта може да предизвика уставна криза по таквиот резултат. Апелира и е подготвен да седне на лидерска средба кај спикерот Џафери за да ги договорат изборните датуми.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели помирување со СДСМ е можно само откако ќе се соочат со одговорност функционерите на власта. Мицкоски порача наместо нарачани анкети да власта да излезе на избори и да се соочи со волјата на граѓаните.

И албанската опозиција се приклучува кон барањата на ВМРО-ДПМНЕ истовремено да се одржат изборите првенствено од економски причини.

Спикерот на Собранието вчера рече дека единствениот можен датум за одржување на двата изборни процеси е 5 мај, кога е и празникот Велигден.  За него не е проблем да свика лидерска средба но рече дека тоа зависи од волјата на партиските лидери. Претходно премиерот категорично ја одби поканата од Мицкоски за лидерска средба, бидејќи приоритет биле уставните измени. Тој останува на ставот дека прво ќе се одржат претседателските а потоа изборите за избор на нов парламентарен состав.