Општините зависни од централната власт- немаат капацитет за менаџирање големи кризи
Поради малите буџети и ограничените капацитети општините во Македонија без помош од централната власт не се способни да се справат со кризите кои ги зафаќаат, како што се енергетската, економската или кризата за храна.
Според истражувањето на Рурална Коалиција во 2022 и 2023 година општините за ова можеле да одвојат максимум 5% од нивниот буџет. Дури и Прилеп и Битола како едни од помоќните општини, иако одделувале помош за граѓаните преку разни субвецнии тешко се справиле со кризата.
Прилеп најмногу го погодило тоа што Владата не им дозволила уличното осветлување да го плаќаат по цена како домаќинствата, со што изгубиле многу пари, а Битола веќе започнала со повеќе проекти за фотоцентрали на јавни објекти, но пак со помош од централната власт или донации.
„Само во 3 месеци ние успеавме да заштедиме околу 200%, односно некаде 10 милиони денари, но за жал со одлука на Владата тоа од ноември месец беше укинато“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на О. Прилеп.
„При крај е во пуштање во фотоцентрала на училиштето во село Долно Оризари. Во фаза е да се распише јавен повик за фотоволтаици на 3 основни училишта во градот, тоа е исто се средства дел наши дел од МОН, та се 3 средни училишта, а во припрема е документација за 3 нови основни училишта“, рече Тони Коњановски, градоначалник на О. Битола.
Од оваа криза беше погоден и бизнис секторот, кој за поевтина енергија започна со местење на фотоволтаици, но кризата сепак оставила траги.
„Кај работниците кризата зеде дел од нивните зголемувања на животниот стандард. Голем дел средствата кои непланирано ги потрошивме на енергетската криза беа планирани во раст и развој на компанијата“, кажа Ирена Јакимоска, претседател на Регионална стопанска комора Прилеп.
„Се надеваме дека тоа е стабилизирано во овој момент но дека можеме да се надеваме дека ќе се вратат условите од пред 2 години, тоа тешко“, истакна Жарко Качаков, директор на сектор развој во прехрамбена индустрија.
Од кризата како најпогодени се граѓаните кои велат дека за нив кризата воопшто и не престанала од 2022 па се до денес.
„Само тие се прават муабети како оваа зима ќе се преживее, како да се купат дрва, како да се плати струја“, вели една граѓанка.
„Тешко на народ, во оваа држава ништо не функционира“, вели друг граѓанин.
„Тоа е некоја уметност за преживување. Нашиот народ е навикнат одамна за преживување, но сега е навистина тешко“, додаде трет граѓанин.
За полесно справување со некои идни кризи бизнисот гледа во изградбата на гасовод, а додека Општините пак мора да направат стратегија за кризен менаџмент.
„Тој т.н.кризен менаџмент треба да се планира во услови кога нема криза, се со цел да бидеме подготвени за моментите кога ќе настапат некои кризни ситуации. И секако да се создадат одредени резерви, дали тоа ќе бидат средства, ресурси или капацитети кои што во услови на криза би можеле понатаму да бидат искористени“, изјави Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.
Но без промени во децентрализацијата и со вакви мали буџети општините во иднина тешко може да се справат со било каков вид на криза.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар