Македонија
23. October 2023 - 16:43

Пораки за обединување од државниот врв, свеченоста за празникот скромна

Како и пред 130 години, така и денес да се обединиме кон заедничката цел за демократка и функционална држава порача претседателот на државата. Во честитката до сите граѓани, Пендаровски потсетува на сите притисоци, пропаганди и соседски аспирации низ кои поминале нашите предци борејќи се за идејата за слободна и праведна држава.

„Како што борбата на револуционерната генерација беше за слободна и праведна држава, така нашата борба денес мора да биде против корупцијата, непотизмот и криминалот што раѓаат недоверба, социјална неправда и масовно иселување на младите. Како и пред 130 години, така и ние мора да ги надминеме нашите поделби и да се обединиме околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава со еднакви можности за достоинствен живот и напредок на секој нејзин граѓанин.“

Пораки за обединување пристигнаа и од премиерот на државата, кој вели со гордост на овој празник ги споменуваме македонските револуционери и нивниот стремеж  и истрајност за слобода, сувереност и независност.

„Континуитетот на борбата за слобода и придонесот на револуционерите во реализирањето на вековниот идеал за независна македонска држава е денешен мотив, од Република Северна Македонија да создадеме европска и напредна држава. Обединети, храбро и со забрзан чекор да продолжиме по европскиот пат и да обезбедиме прогресивна иднина за нашите деца. Нека е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.“

Денешниот државен празник е споменик на револуционерната идеја за која многумина го положиле животот, бидејќи верувале во слободна и независна држава, се вели во честитката на собранискиот спикер.

„За тоа била потребна и се уште е потребна пожртвуваност, верба и визија за во иднина да се уживаат плодовите на битките низ историјата. Споменот на старите битки кои не довеле до тоа што сме сега, нека биде потсетник и наш учител за новите секојдневни битки кои ги водиме во животот заедно, сплотени и единствени како граѓани на современа, демократска, напредна и безбедна Република Северна Македонија.

Државниот врв не присуствуваше на официјалното чествување на празникот. Функционери од понизок ешалон на Собранието, Владата положија цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев. На чествувањето присуствуваа претставници од град скопје и неколку  политички партии партии.

Македонската борба на револуционерите беше борба за интеграција а не стагнација, порачаа од владејачката партија СДСМ. Во честитката за празникот, обвинија за лажен патриотизам на опозицијата, која според нив работи за изолација на државата.

Со помала свеченост, без присуство на државните функционери беа доделени наградите „23 октомври“ во Собранието. За остварувања во областа на науката и образованието, наградата ја доби тимот професори  за трансплантација на црн дроб, д-р Зоран Караџов, д-р Светозар Антовиќ, д-р Бети Тодоровска, д-р Татјана Спировска и д-р Маја Мојсова Мијовска и универзитетскиот професор Африм Османи.

Награди за значајни достигнувања во културата и уметноста, добија визуелниот уметник проф. Роберт Јанкуловски и писателот Блаже Миневски.