Македонија
13. November 2023 - 17:08

Децата со дијабет конечно добија сензори за мерење на гликемија

- Нема да се разбудуваме повеќе во 3 саат сабајле..

Јана Симоска 11 години има дијабет, заедно со нејзината сестра близначка Јована која една година повеќе е со оваа состојба, конечно дочекаа на нивните раце да имаат сензори за мерење на гликемија во крвта. Овие тинејџерки од Тетово сега ќе имаат мирен сон без будења и чести боцкања. 

- Денеска за нас ова е голем ден, кај нас порано немаше од каде да се купи сензор, вели Јована Симоска, дете со дијабет. 

- Безболно ќе биде, нашиот родител ќе гледа каква е гликемијата, вели Јана Симоска, дете со дијабет.

Петгодишниот сон, ветувања, и најави станаа реалност –обезбедени  650 сензори за деца до 18 години и трудници со дијабет тип 1. Нема повеќе трауми за децата а ќе добијат поквалитетен живот и превенирање на компликации.

- Тие се современи сензори, одредуваат ризици 30 до 60 минути, многу е важно на едно школксо дете да знае дека во следните 30 до 60 минути ќе се случи хипогликемија, вели д-р Ирфан Ахмени, претседател на Национална комисија за дијабет

- Овие непреспиени ноќи, трауми кај деца и родители, знаат со што се соочувале досега и во 21 век нема да дозволиме да се случуваат такви работи, вели Фатмир Меџити, министер за здравство.

Но, со набавка на 650 сензори не е завршена битката за подобри услови на лицата со дијабет. Овие уреди им се неопходни и на други дијабетичари и здравствените власти најавија дека тоа е нивниот следен чекор. 

Нема да има повеќе и тендерски главоболки поради кои со месеци немаше ленти и глукомери за нормално и редовно мерење на шеќерот во крвта.

- Јас како министер за здравство ја преземам вината, но отсега натаму ќе биде транспарентно, знаете тендерот доцнеше и јас не знам зошто, вели Меџити.

Како било порано ќе остане во минатото бидејќи министерот за здравсто најави дека ќе ги обелодени со име и презиме сите оние кои ќе прават злоупотреби на сметка на пациентите.