Македонија
5. December 2023 - 12:21

Рециклирање на електронскиот отпад во Штип

Штипјани можат да го селектираат електронскиот отпад и отпадните батерии. Во централното градско подрачје поставени се специјализирани контејнери за оваа намена, за да не се меша со комуналниот отпад.

- Поставивеме 11 контејнери во централното градско подрачје на повеќе фреквентни локации и се надеваме дека во иднина ќе поставиме и на други фреквентни места, з ада можат граѓаните да го одлагаат овој вид на отпад- изјави Борче Везенков, комунален инспектор – ЛС-Штип.

Сепак, праксата покажува дека граѓаните се уште одлагаат комунален отпад во посебно одбележаните садови за стакло, пластика и хартија, а сега и во контејнерите за електронски отпад.

- Освен поставување, ние треба да водиме кампања и з аедукација на самите граѓани, односно, едукација во основните училишта, па и во градинките- додаде Везенков.

Токму за подигање на јавната свест во однос на селекцијата на отпадот и значењето за циркуларната економија се говореше и на регионалната средба во организација на АДКОМ.

- Важно е да има добра информираност на граѓаните, едукација и  транспарентност од страна на државните и локалните институции. Да има поголема интерсекторска соработка на сите чинители кои се поврзани со управување со отпадот-изјави Вера Љатева, државен инспектор за животна средина.

Покрај едукација, од комуналниот сектор сметаат дека треба да има измени и во казнената политика.

- Со казните се менува и менталитето на луѓето, а со тоа и ефектот од селектирањето може да биде поголем, изјави Раско Чочков, директор на ЈКП„Комуналец“- Гевгелија

Селекцијата значи и почиста животна средина, а им се олеснува и работата на економските оператори кои се занимават со рециклирање и реупотреба на отпадот.