Loading Video...
Свет
16. December 2023 - 16:52

Преглед на вестите од светот

Граѓаните на Србија се на чекор до големи одлуки. Предизборен молк е на сила пред утрешните избори за тоа дали партијата на претседателот Александар Вучиќ ќе ја добие поддршката од народот да ја предводи и натаму државата со своите владини политики.

Во Србија се одржуваат предвремени парламентарни и локални избори, а гласачките кутии се отвараат утре во 7 наутро, а ќе се гласа се до 20 часот. 

На вонредните парламентарни избори кои се распишаа по само една ипол година, граѓаните ќе гласаат за 18 изборни листи за Собранието на Србија кое брои 250 пратеници.

Фокусот на кампањата беше главно на ветувања за повисоки плати, пензии, но и Косово како сензитивна тема која ги подгорува страстите кај населението. Претседателот Вучиќ беше во фокусот на кампањата иако тој не е кандидат.

Според експертите во Србија, шансите на опозицијата се мали освен во главниот град каде поддршката според анкетите ја има опозицијата. 

Републичката изборна комисија на синоќешната седница го утврди конечниот број избирачи кој е 6.500.666. Утре ќе бидат отворени 8273 избирачки места, а изборите ќе ги набљудуваат рекорден број 5587 домашни и странски контролори. 

Родители излегоа на протести пред училиштето Владислав Рибникар во Белград каде во мај беа убиени 9 деца и чуварот на училиштето. Бараат правда за сите жртви и поголема безбедност во училиштата.

Граѓани палеа свеќи пред училишната зграда и ги бојадисуваа натписите на училиштето во сива боја. 

Според нив, државата не направила ништо од 3 мај за безбедноста на децата и се уште не одговара на апелите на родителите. 

Министерството за образование им препорача на сите образовни институции да не организираат прослави по повод новогодишните празници поради жртвите на двете масовни убиства пролетва во Србија. 

Протести во Тел Авив откако израелската армија призна дека по грешка убила тројца заложници во Појасот Газа кои ги држеле палестинските милитанти на Хамас. Стотици демонстранти протестираа со транспаренти и фотографии од околу 130 заложници, за кои Израел верува дека се уште се заложници на Хамас во Појасот Газа и ја повикаа владата на Нетанјаху да обезбеди ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас.

Нетанјаху ја опиша смртта на тројцата заложници како „неподнослива трагедија“ и додаде дека „целиот Израел жали за загубата“.

Премиерот Албин Курти бара Косово да добие статус земја кандидат за членство во ЕУ. По точно една година од поднесувањето на апликацијата за членство тој вели дека се подготвени да направат чекор напред, оценувајќи го како историско отварањето на преговорите на Унијата со Украина и Молдавија. Курти смета дека членството на земјите од Западен Балкан е клучно да се обезбеди мир на континентот.