Македонија
16. December 2023 - 16:52

Зголемен процент на имунизација со МРП вакцина во Штип

Расте интересот кај родителите во Штип за вакцинација на своите деца против морбили или мали сипаници. За разлика од лани, кога со прва доза се имунизирале 75,6 % од децата на едногодишна возраст, а ревакцинирале 93,7 %, годинава состојбата е многу по оптимистична. 

- Последното тромесечје бележиме пораст, со тоа што првата доза ни е 84,3 %, а ревакцината со 94,4 %. Меѓутоа, на национално ниво овие вредности ни се пониски, и секогаш кога се ниски има можност за појава на епидемија, особено, најповеќе се загрозени дечињата кои се под една годишна возраст, коишто и онака не подлежат на имунизација и немаат доволно имунитет на оваа болест- изјави д-р Ана Бурева, ЈЗУ Здравствен дом - Штип

Праксата покажува дека родителите почесто го одложуваат вакцинирањето поради страв од аутизам, отколку што го одбиваат.

- Родителите можеби имаат некој страв и чекаат одредена возраст за детето да прозбори, да прооди, што не е реално и треба да дојдат да поразговараат со нас, вели д-р Бурева.

Морбилите се високо заразно заболување кое има несакани последици по здравјето на децата, посебно кај невакцинираните.

- Компликациите можат да бидат, потешка пневмонија, па и воспаление на мозокот и секако, многу ретко, но може да има и фатален исход- додаде д-р Бурева.

За да се оствари солиден колективен имунитет, потребна е вакцинација на над 95% од децата на една годишна возраст.