Македонија
28. December 2023 - 16:55

Вонреден надзор во Штипската болница

Комисијата за контрола на квалитет и етички прашања при штипска клиничка болница утврди дека нема пропусти во третманот на родилката од Делчево, која почина на КАРИЛ во Скопје.

Од болницата преку соопштение информираат дека е примена за породување, а 10-тина минути подоцна пациентката колабира, со ниска тензија, немерлив пулс и знаци за шок. Веднаш е внесена во операциона сала, направено е итно породување со царски рез на бебето, кое е веднаш транспортирано на Детска клиника, а поради голема количина на крв во абдоменот, четворица хирурзи почнуваат операција за спас на пациентката.

И покрај дадената крв и крвни деривати и операција, пациентката предоперативно, за време на операцијата и постоперативно е со тешка клиничка слика и хемодинамски нестабилна. Конзилиум од по двајца анестезиолози и гинеколози и четири хирурзи одлучуваат пациентката да биде префрлена на КАРИЛ – Скопје за понатамошен третман. На денешната прес конференција министерот за здравство изјави дека лично иницирал вонреден инспекциски надзор.

- За жал вакви немили настани во здравствто се случуваат секаде во светот, природата е таква. Од сабајле иницирав вонреден инспекциски здравствен надзор од ДСЗИ и кога ќе имаме конкретен извештај веднаш ќе го споделиме со вас, изјави Меџити, министер за здравство.

Бидејќи овој случај ќе биде предмет на анализа на институции кои ја контролираат работата на лекарите, од штипска клиничка информираат дека ќе го чекаат нивниот извештај, за причината за ваквиот исход и дали од нивна страна е постапено според медицинските протоколи и медицина базирана на докази.