Онколошките пациенти не гледаат светло во тунелот со апсењата на Клиниката
Апсењата и отварањето истрага за најголемиот скандал во здравството нема да ги реши проблемите на онколошките пациенти. Иако со месеци бараат вистината да излезе на виделина и правда за сите, велат дека изнесувањето доктори со лисици на раце во полна клиника само ги трауматизира болните и им ги враќа лошите спомени.
-Срам да им е на сите што ги потресуваат пациентите, не заслужуваат да го гледаат тоа. Ова ми личи на предизборна кампања, вели Анжелика Колева, онколошки пациент.
-Мора да разбереме дека тие пациенти таму своите животи ги ставаат во рацете на тие доктори, и глетката да видите дека доктор за кој сметате дека се бори за пациентите го изнесуваат од клиника воопшто не е пријатно, вели Ана Марјановиќ онколошки пациент.
И Марјановиќ и Колева се разочарани од текот на настаните изминатиот период и ги прашуваат надлежните каде беа досега. Прогнозираат дека 2024 ќе биде уште полоша година за онколошките пациенти а изборниот процес може само да ги влоши работите.
Таа клиника е очајна за план и програма за 5 до 10 години. Ниту дел од проблемите што ги имаме не е решен – се намалува бројот на лекари, термини нема, се уште се дискутира кои лекови да бидат на позитивна кои на негативна листа, вели Марјановиќ.
-Искрено, страв не фаќа и тоа го коментираме меѓу себе, што е логично. Ни заминуваат доктори, кого апсат, кој добровболно си заминал кој ќе замине. Искрено, незнам за која сламка да се фатиме и што ќе биде понатаму, вели Колева.
Кога скандалот на Онкологија допре во јавноста, онколошки пациенти секоја вечер протестираа пред обвинителството. Дел од нив беа делумно и вклучени во увидот на доказите. Многу семејства и блиски ги раскажаа голготите низ кои поминале...Освен имиња и презимиња на виновници ако ги има, очекуваа и достоинствен третман, без чекања со саати за преглед а со месеци за дијагностичка процедура.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар