Ќе донесе ли Комисијата за заразни болести нови мерки за пертусис?
Спласнува интересот за имунизација против голема кашлица. Ако пред десетина дена имаше редици пред пунктовите, сега бројот на оние што добиваат вакцина е повеќе од двојно намален. Тоа го потврдуват и од поликлиниката Букурешт од каде велат дека сега повеќе боцкаат деца кои родителите ги носат за редовните вакцини од календарот.
-Интересот е намален, спласнат е, меѓутоа изминатиот месец вакциниравме поголем број на деца. Се водиме и по тој кечап календар кај деца кои не биле вакцинирани или пак примиле неколку дози, застанале и продолжуваме каде што застанале, вели д-р Бети Гелејчевска Илковска, од пункт за имунизација во Букурешт.
Утре ќе заседава и Комисијата за заразни блести и не е исклучена можноста од нови мерки за заштита од пертусис и тоа во насока да нема невакцинирани во градинка. На состанокот треба да има и претставник од Министерството за труд и социјала, а ќе биде побарано контроли да прави и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Бројот на новодијагностицирани расте а има и илјадници деца кои имаат пропуштено некоја од Ди-Те -Пер вакцините.
Согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од Службите за вакцинација (Гази Баба, Чаир Карпош, Кисела Вода и Центар) беше утврдено дека се пронајдени 13.184 деца пропуштени за вакцинација. Oд нив вакцинирани се 5.056 (38,3%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле I-ва ревакцина (2.492; 4,3)
А покрај заштитата од голема кашлица многумина и понатаму ја пролонгираат заштитата од морбили, кои веќе се расширени во неколку соседни земји.
- Доаѓаат за Ди-Те-Пер, меѓутоа и понатаму ја пролонгираат МРП. Ќе ни се врати епдиемијата на морбили што ја имавме 2018-19 година, вели д-р Илковска.
Денеска во Скопје има четири нови случаи на пертусис и само едно четиригодишно дете е целосно вакцинирано. На Клиниката за детски болести е осуммесечно бебе од Куманово кое според лекарите е во стабилна состојба.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар