Како хирурзите од Клинички ќе ги решат илјадниците одложени операции?
Преодното решение со надворешни компресори ги врати хирурзите во дел од салите на клиниките. Но дали со работа во две смени и во вакви услови ќе успеат да ги оперираат илјадниците пациенти чии интервенции биле одложени поради кризата која трае со недели. Меѓу нив има и малигно болни на кои колапсот на системот им ја пролонгира голготата. Од директорите во хируршкиот комплекс досега никој не даде изјава а денеска пред медиумите се појави хирург уролог кој вели дека лице со тумор на мочен меур не смее да чека, но тоа се случувало изминатиот период.
-Карцином на простата таму имаме услови да почекаме, но има тумори – тумор на мочен меур, тумор на бубрег кои не можат да чекаат, оти ако они чекаат може да доведе до метастази а тоа ќе влијае на прогнозата. Ние технички три недели не бевме во можност да направиме ниту една интервенција, бевме блокирани, немасе услови а ние не може да експериментираме со пациентите, вели д-р Башким Шабани – уролог од Клиника за Урологија.
На Урологија и дел од другите клиники од денеска почнале да оперираат и хронични пациенти, но како што предупредува доктор Шабани, летото дополнително ќе влијае на листата на чекање која е километарска.
-Сите хируршки клиники вообичаено имаат 100 операции дневно, ако ова траеше речиси еден месец тоа се околу 2000 операции плус минус. Но сега почнуваат и одмори и листите на чекање ќе се пролонгираат за уште неколку месеци. Сепак, знаеме дека системот е централизиран, најсложените операции се во клинички, во периферијата само полесни и за жал ова многу ќе вијае на здравствената состојба на пациентите, вели Шабани.
Директорите на хируршките клиники мора да прават итни јавни набавки за надворешни компресори за да функционираат салите. А дали и кој ќе понесе одговорност за овој колапс – сите креваат раменици.
Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска, кажуваќи кој ден трае хаосот, велат дека ваков скандал да се случеше во европска земја, надлежните функционери не само што ќе беа искуферени од фотељите туку истито ден ќе имаше и постапка за нивна одговорност.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар