Македонија
15. October 2024 - 16:42

Вреди не се откажува од Албанска академија на науките: Ќе ја финансира преку општините

Градоначалниците од Вреди ќе финансираат со општински пари Албанска академија на науки која веќе постои во форма на здружение. Тетовскиот градоначалник кој беше и домаќин на средбата со академците вели дојдено е време да се формира албанската академија и во иднина ќе бараат начин како да се озакони. Засега немаат поддршка од коалиционите партнери во владата но тоа не ги обесхрабрува да се откажат од иницијативата. Градоначалниците не открија колку граѓански пари ќе бидат потрошени за ова здружение.

-Коалицијата Вреди покажа дека е тука за да донесе реални промени и реформи. Преку овој проект не создаваме само нова институција, туку и нова иднина за сите млади интелектуалци Албанци. Нашата посветеност е максимална и заедно ќе го туркаме овој проект со сериозноста што ја заслужува. Ова е важен чекор кон иднина каде науката, уметноста и слободната мисла ќе бидат столбови на нашиот национален развој

Од здружението велат нивната работа е од суштинско значење за унапредување на интелектуална мисла на албанците а за такво нешто до сега не добивале простор во рамки на МАНУ.

Од Владата го повторија ставот дека тие се против паралелна ваква институција бидејќи во државата веќе постои место за сите академици и тоа е МАНУ.

Инаку, во кампањата пред изборите, ова беше едно од ветувањата на ВРЕДИ за формирање албанска академија  на науки и уметност. Против паралелна академија се изјаснија премиерот, партијата ЗНАМ но и МАНУ од каде порачаа дека тие се отворени за сите граѓани кои ги исполмнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во академијата.