Санкции за смртта на 14-месечното бебе
Каква казна ќе добијат двајцата специјалисти од Детска кои директорот времено ги отстрани од работните места поради случајот со 14 месечното бебе, ќе утврди формираната дисциплинска Комисија. Менаџерот на клиниката вели дека имаат законски рок да постапат и да донесат одлука. Од петокот овие доктори не одат на работа а денеска им биле дадени решенијата за суспензија со потпис на директорот.
Против нив минатата недела е поднесена пријава за дисциплинска одговорност а по претходно објавениот извештај на Комисијата за стручен надзор дека направиле превид при проценката за хоспитализација на бебето на 3 октомври и истото било пратено на домашно лекување.
За разлика од Детска каде има и суспендирани лекари, од Клиниката Козле кај која исто така се утврдени системски и стручни недостатоци нема најава ниту за дисциплинска ниту пак дали некој ќе одговара по забелешките на стручниот надзор. Од оваа установа не добивме одговор а останува единствено нивното соопштение од пред неколку дена дека кај нив нема пропуст при третманот и лекувањето на бебето.
Инаку извештајот од Комисијата за стручен надзор не е доставен до обвинителството и од министерството за здравство велат дека тоа од нив не било побарано.
14 месечното бебе од Гошинце почина на 5 октомври на Детска каде било транспортирано од клиниката Козле во многу лоша состојба со ниска сатурација и засегаше на виталните органи.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар