Македонија
17. November 2024 - 16:31

Што ги тера возачите да дивеат на улиците?

Црн октомври. 11 луѓе ги загубиле животите во сообраќајки за само еден месец. И годинава очекувањата се дека бројот на загинати ќе биде помеѓу 120 и 150.  Според експертите, причината за ова се главно дивеењето на возачите на улиците, но и техничката исправност на возилата, па и самата инфраструктура. 

- Комплексно е прашањето. Веројатно и на целата околина што ја живееме. Значи, сите општествени аномалии се рефлектираат во сообраќајот бидејќи сообраќајот не е изолирана тема, вели Игор Митревски, експерт за сообраќај.

Според официјалната статистика на МВР, лани направени биле 118 сообраќајки во кои загинале 127 луѓе. Доколку се направи споредба со годините претходно, 2011-та била најлоша по бројот на жртви. Загинале 172-ца. 

Како најчест фактор за сообраќајки, според МВР е брзото возење. А потоа следуваат непочитување на правилата за првенство во минување, недржење страна и правец на движење, непрописно движење и свртување, алкохолот. Но МВР, барем во досегашната статистика, не го зема предвид користењето на мобилен телефон при возење. 

Најавите на надлежните се дека од следната година ќе профункционира „Безбеден град“ – автоматизиран систем чии камери ќе ловат прекршоци во сообрааќајот и без влијание од човечкиот фактор ќе ги казнува несовесните возачи. Митревски вели дека овие камери ќе можат да го регистрираат и тоа. 

- Таа дистракција од фокусот на управување со возило многу влијае при управување со возилата. Честопати доаѓа до сообраќајни несреќи. Оние мобилни радари ќе имаат можност да забележат во услови кога возилото е во движење да вршат запис на возачот кој зборува на телефон. Исто така, оние статични камери ќе имаат можност да ја користат онаа опција дали возачот не носи соодветен сигурносен ремен итн. Генерално, овие новитетите ќе ги подобрат состојбите во сообраќајот, вели Митревски. 

Главниот град е преплавен со возила. Нефункционалниот јавен превоз, недоволниот број на автобуси, нивното доцнење ги принудува скопјани, главен превоз да им биде токму возилото бидејќи не можат да се потпрат на ЈСП. 

Има ли чаре? Како можат надлежните да воведат ред во сообраќајот?

- Секојдневна институционална активност. Подобра координација на сите институции кои ја тангираат проблематиката сообраќај. Ние контиунирано зборуваме за формирање Агенција за сообраќај. Се разбира, и јавната свест треба да се крене малку на повисоко ниво. Да немаме дивеење во сообраќајот, многу е важно секој од нас да вложи напор за подобрување на состојбите, вели Митревски.