Трет ден пожари во Скопско
Девет шумски пожари беснеат низ целата држава. Според информациите од Центарот за управување со кризи, активни се два пожари во скопско, два кај Македонски Брод, еден кај Велес, еден кај Чашка, еден кај Прилеп и еден кај Дојран.
Во текот на минатата ноќ и изутрината најголеми проблеми правеше пожарот во Чучер Сандево кој се простира на потегот од Чучер кон селото Блаце на самата граница со Косово.
-Пожарите кај скопско беснеат веќе трет ден. Во околината на Чучер Сандево сите оние пожари во изминатите денови им правеа проблеми на локалното население веќе се ставени под контрола и барем засега не постои опасност по имотите и животите на луѓето.
-На еден крак за жал имаме горење. Горење коешто предизвикува вознемиреност кај граѓаните, оправдана вознемиреност, но јас ве уверувам дека куќите нема да бидат загрозени бидејќи во секој момент можеме да побараме дополнително засилување, вели директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Во текот на денот нов пожар избувна и на подножјето на Скопска Црна Гора кај селото Љубанци. Но брзата реакција на локалното население и противпожарните служби спречи негово ширење и за oколу 2 часа беше ставен под контрола.
Ангелов е уверен дека станува збор за наметно подметнати пожари и тоа на тешки предели со цел противпожарните сили да не можат да интервенираат.
-На неколку места пожарникарите најдоа запалени даски, тараби коишто злонамерно се фрлени. Според нив, имало и мирис на бензин што значи дека најверојатно се премачкани со бензин, фрлени во смреки, во густиш кадешто може многу лесно да се предизвика пожар. Ние имаме сѐ повеќе индиции дека овој пожар не само што го подметнал туку и го одржува жив, вели Ангелов.
За него е симптоматично што во еден ден пожари избувнаа на повеќе локации во скопскиот регион.
-Пред малку изби пожар кој многу брзо го изгаснавме. Се појави пожар во скопска Гази Баба. Можноста да има толку невнималтени граѓани за мене е малку неверојатна и веќе се сомневам во намерни палења бидејќи истовремено имаме пожари на повеќе места, вели Ангелов.
Најголем дел од огнената линија се наоѓа на тешко пристапен терен каде може да се стигне само со теренски возила. Во акција веќе се пуштени дел од старите армиски хермелини кои се пренаменети за гаснење шумски пожари. Со нив, барем засега, управуваат специјалците на МВР кои нѐ примија заедно со директорот на ДЗС за да можеме да стигнеме до линијата на огнот.
Надлежните очекуваат дека во борбата со пожарите, барем во наредните неколку дена ќе им помогне и времето со оглед на тоа што се очекуваат дождови.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар