Мицкоски прифаќа минимална плата од 450 евра ако така се договорат синдикатите и работодавачите
Без договор заврши и вториот економско-социјален совет. Мицкоски вели дека ќе прифати минимална плата од 450 евра, ако така се договорат синдикатите и работодавачите. Во државната каса за догодина се предвидени пари за усогласување на платите, но ако падне договор за дополнително зголемување на минималецот, средства ќе се најдат преку ребаланс.
„Oд страна на владата не е проблем, ние ќе имаме приходи, бидејќи зголемувањето на минималната плата ќе биде на товар на работодавачите, тие ќе треба повеќе да уплатат во буџетот. Да речеме ако минималната плата била 100 парички, 40 проценти од тоа, по разни основи, влегува во Буџетот. Ако биде 120, 40 проценти од 120 ќе влегуваат во Буџетот. Државата профитира од тоа. Проблемот е кај работодавачите, дали тие како економија можат тоа да си го дозволат, дали можат да го направат и дали можеби потоа ќе има други трикови како пола-пола, еве ти вака па ти пола на рака, тоа е веќе друга тема“ – Христијан Мицкоски, премиер
Но работниците и работодавачите се далеку од договор. И двете страни стојат на истиот став.
„Не може да биде прифатливо паушално зголемување на минималната плата. Постои закон, постојат параметри врз основа на кои истата се определува“ – Владанка Трајкоска, претседател на организација на работодавачи
„Не можеме ние да издржиме повеќе да живееме за мизерни плати какви што даваат работодавачите во приватниот сектор.Тие можат да даваат изјави дали треба да се зголемат платите или не треба, ама да внимаваат кога ќе кажуваат следен пат дека нема работна сила во Македонија. Најголемите виновници за иселување за квалификуваните работници од Македонија се токму тие“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ
Минималната плата изнесува 22.500 денари и законски треба да порасне во март. Според пресметките зголемувањето би било околу 1.800 денари. Оваа сума според синдикатите не е доволна, со оглед на трошоците за живот. Последната синдикална кошница покажа дека на едно четири члено семејство за да преживее му се потребни над 62 илјади денари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
