Афазија е нарушување на комуникацијата по мозочен удар - Во земјата има околу 10 000 лица со оваа состојба
Колку пациенти по прележан мозочен удар и губење на говорот знаат дека треба да побараат и помош на логопед? Дали лекари ги упатуваат лицата кои имаат нарушување на комуникацијата како последица на повреда на глава кај вистинските стручњаци? Оваа состојба се нарекува афазија, термин кој не е многу познат во јавноста, но според статистиките со ова се соочуваат поголем број на граѓани на кои им е нарушен квалитетот на живот. Центарот за вербална комуникација и Клиниката за неврологија ќе работат на надминување на досегашните пречки.
- Сеуште во нивниот протокол не постои препорака за логопед. Неврологот откако ќе го отпушти пациентот ќе му даде отпусно писмо, пишуваат препорака за рехабилитација а нема да пишува препорака за логопедски третман. Ете тоа, мора заеднички да влијаеме на таа свесност и кај докторите и кај медицинските лица дека ние постоиме за тоа да им помогнеме на лицата со оваа состојба, вели Нермин Теловска, директор на Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација.
- Бараат од нас, на пример за логопед. Плаќаат приватно а знаете денеска колку е тоа скапо, незнаат дека можат да добијат стручна помош во центарот, не знаат дека постои, вели Виолета Костадиноска, од здружение ХОУП.
Според проценките, меѓу 5 до 10 000 лица во земјата живеат со афазија. Лекарите велат нема лекови што го враќаат говорот туку тоа може да се постигне или подобри со помош на логопеди. Оваа состојба се јавува и во детска возраст.
- Имавме случај пред неколку години со африканскиот комарец – доведува до невролошко нарушување кај дете со развиен говор, 5 годишно девојче..кое се јави кај нас на третман после сите медицински интервенции. Успешно го заврши третманот благодарение на логопедот што го водеше и едноставно јазикот продолжи да се развива, вели доц. Д-р Ана Поповска, Центар за комуникација на вербална комуникација.
Некои лица со афазија не можат јасно да го кажат тоа што сакаат, или не ги разбираат тие околу нив. Кај оваа состојба нема нарушување на интелектуалниот потенцијал.
И стручните лица и здружението ХОУП во кампања да ја подигнат свеста за оваа состојба и лицата да побараат помош каде што треба.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар