Шведски тим од волонтери почна програма за поддршка по трагедијата во клубот „Пулс“ во Кочани
Под мотото „Пат на заздравување“ седумчлена делегација од градот Гетеборг во Шведска пристигна во Кочани и ќе даде своја поддршка по трагичниот пожар во клубот „Пулс“.
Во тимот има социјални работнички, пожарникари и преживеани од сличен пожар во дискотека што се случил во Шведска, а во контакти со семејствата на настраданите и со граѓаните на Кочани тие ќе ги пренесат сопствените искуства од заздравувањето и рехабилитацијата по несреќата.
Активностите се во рамки на Програмата за помош на настраданите во пожарот, иницирана и поддржана од Амбасадата на Кралството Шведска и „Europe House“, а во реализација на Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“ со поддршка од Општина Кочани и SupportKocani.
На промоцијата на Програмата во Кочани, шведската амбасадорка Ами Ларсон Џеин нагласи дека искуствата од вакви трагедии се слични, а иако се случиле во две различни држави, болката и последиците се исти.
Трагедија од вакви размери претставува траума не само за настраданите и нивните роднини, туку и за општеството во целина. Луѓето во тимот од Гетеборг не се експерти, ниту професионалци, туку нормални човечки суштества кои биле во ситуација да ја почувствуват болката и страдањата што и вас ве погодија. Тие ќе ги споделат своите искуства за надминување на последиците, а како што вели Ларс Ренмарк: ако не ја искористиме нашата трагедија за да им помогнеме на другите, таа ќе остане само трагедија, истакна амбасадорката Ларсон Џеин.
Благодарност за поддршката во име на граѓаните на Кочани и семејствата на настраданите изрази в.д. градоначалникот Венко Крстевски.
Три месеци Кочани живее во длабока емотивна, психичка и криза во управувањето со секојдневието. Процесот на закрепнување е подлабок и подолготраен отколку што можеме да си замислиме. Добро е што не сме осамени на тој пат, кој жителите на Гетеборг го поминале пред 27 години, а со искуствата стекнати во тој процес очекуваме да ни помогнат. Затоа, ви благодариме на сите, особено на Кралството Шведска, за програмата за поддршка на настраданите во пожарот, за организацијата и реализацијата на активностите со кои заеднички ќе забрзаме по патот на заздравувањето, истакна Крстевски.
Шведската делегација во Кочани ќе има тридневни активности со споделувања искуства, отворени и затворени сесии и јавна панел дискусија. За потребите на граѓаните и на семејствата на настраданите ќе биде поделен преводот на книгата „Како редење сложувалка“ чии автори биле дел од трагедијата во Шведска, а во која се собрани искуствата и случувањата по трагичниот настан.
На 29 октомври 1998 година во дискотека во Гетеборг се случил пожар со сличен трагичен исход како и во „Пулс“. На забавата присуствувале 375 луѓе, иако имало капацитет за 150, а притоа загинале 63 млади лица и 213 биле повредени.
Ново на Сител
-
Сиљановска - Давкова од Тирана: Посериозна препрека е билатерализацијата на интегративниот процес од самите балкански соседи
-
MEF25: Енергетската транзиција е политички, економски и генерациски предизвик
-
ФПН во Белград, по анонимна и лажна дојава за бомба: Никој да не биде во зградата на факултетот на 17 јуни
-
Г7 договори нацрт-изјава за Израел и Иран, но Трамп најверојатно нема да ја потпише
-
Муцунски: Работиме на засилување на динамиката на средби со официјална Софија
-
ЕХФ му изрече двегодишна суспензија на грчки АЕК, парична казна за Алкалоид
-
При израелски напад погодена иранската државна телевизија
-
Захарова: САД ја откажаа средбата со Русија за нормализирање на работата на дипломатските мисии