Македонија
19. јуни 2025 - 16:39

„Македонско село“ ги отвори портите за посетители

Во падините на Водно, на само неколку километри од градската бучава, повторно оживеа комплексот „Македонско село“. По 7 години тишина комплексот кој беше туристичка атракција ги отвори портите за сите љубители на културата и традицијата. Коцесионерот Ла тераца ќе раководи со овој комплекс во следните 15 години и ќе менаџира со 12-те автентични македонски куќи, хотелски соби, ресторан и занаетчиски дуќани. Со реотварање на комплексот од Владата се уверени дека ќе се создадат услови за развој на туризмот но и зајакнување на локалната економија. 

Секоја од 12-те двокатни куќи е посветена на различен регион од Македонија. Долните спратови се наменети за продавници и работилници преку кои ќе се промовираат занаети како ковачи, грнчари, ткајачи. Коцесионерот ветува богата програма за сите посетители кои сакаат да уживаат во вкусот и убавините на македонската традиција. 

Премиерот кој присуствуваше на свеченото отворање најави дека во фокусот на Владата ќе биде туризмот и обнова на запоставените државни капацитети, а овој комплекс  има голем придонес во туристичката понуда. Комплексот беше изграден од државата во 2016г.