И покрај силната дипломатска активност на Софија Мицкоски е убеден дека извештајот на Вајц ќе добие поддршка
Со засилена дипломатска активност Софија се обидувала да го спречи носењето на извештајот на извезстувачот на Европскиот парламент, Томас Вајц кој, според најавите, во вторник треба да се гласа на Комисијата за надворешни работи во Европарламентот.
Сепак, премиерот Мицкоски е убеден дека извештајот како таков ќе добие поддршка од европските пратеници и Бугарија нема да успее да вметне придавки како „современ“ или „модерен“ македонски јазик и идентитет.
-Морам да признаам дека овие денови добив многу вознемирувачки информации за една силна активност на одредени политичари во Брисел. Имавме организирана активност заедно со министерот за надворешни работи изминативе денови. Јас успеав да контактирам со сите во Брисел. Мислам дека успеавме некако да го амортизираме оној удар којшто некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик, вели Мицкоски.
Гласањето на извештајот на Томас Вајц беше презакажано за вторник по негово барање, со образложение дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.
Бугарските европратеници, пак, тврдеа дека самиот известувач бил премногу близок до Скопје. Во писмо на 18 претставници на Бугарија во Европскиот парламент се осудува известувачот Вајц. Во писмото се тврди и дека македонската влада влијаела врз неговото водење на преговорите.
Дополнително, во вторник почнува НАТО Самитот во Хаг на кој е можна средба меѓу официјални претставници на Скопје и Софија. Иако македонската Влада очекува дека такво нешто е можно, се уште нема одговор од официјална Софија. Во Хаг од Скопје ќе отпатува претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, а од Софија премиерот Росен Жељасков.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар