Македонија
24. јуни 2025 - 12:17

Религијата мора повеќе да се вклучи во решавањето на светските конфликти, а не преку неа да се разгоруваат војните

Религијата и религиозните институции мора многу повеќе да се вклучат во надминувањето на светските конфликти и создавањето на мир, а не да одат рака под  рака со одредени политички лидери во креирањето на војни. Ова беше една од главните пораки упатена на Трета Светска Конференција за Религиски Дијалог и Соработка која што започна во Крушево. 

„Значи ако вие сакате да го зголемите конфликтот или да го зголемите интензитетот на конфликтот вие ја внесувате религијата. Политичката елита  многу вешто ја внесува религијата од една страна, а од друга страна одредени религиски кругови манипулираат со содржините на светите книги, како Библијата, Кураноти, будистичките свети книги, ги первертираат, фашизоидно ги изместуваат деловите на светите книги. И она што е жалосно сега и религиската елита е во функција на разгорување на конфликтите, наместо да ги смирува таа ги разгорува, особено таму каде што има војни“, истакна Д-р Зоран Матевски, професор на Филозофскиот факултет во Скопје. 

70-тина еминентни професори од целиот свет ќе упатат порака за тоа дека неминовно е религијата многу повеќе да се вклучува во решавањето на конфликтите, отколку истата да се остава на страна или да се злоупотребува од одредени екстремни структури. Нешто што го потенцираат и самите религизни заедници.

„Живееме во еден нестабилен свет. Гледаме дека се помалку има правила на игра, преовладуваат одредени интереси, на државите кои имаат голем геополитички предзнам и големо влијание во светски рамки. Пораката е јасна дека постојано треба да се поттикнува религискиот дијалог, дека тој е единствениот начин и пат да се обезбеди потребната соработка. Државите се предодредени да соработуваат и не гледам причина дека овие прашања треба постојано да се отвораат“, додаде Оливер Бакрески, декан на Филозофскиот факултет во Скопје.

„Ако конфликтот прерасне во религиски конфликт тогаш неминовно е дека страдањето на сите тие кои ќе учествуваат во тој конфликт ќе биде поголемо од конвенционален конфликт или конфликти од други причини. Затоа верските заедници не треба да бидат одминати, од една страна и самите треба да бидат на висина на задачата и да бидат свесни за својата улога во општетството, никако да не мотивираат радикализација, туку да поттикнуваат дерадикализација“, изјави Отец Бобан Митревски, претставник на МПЦ-ОА.

Оваа Светска конференција за Религиски дијалог и соработка ја организира Центарот за Интеркултурни Студии и Истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје.