Македонија
24. јуни 2025 - 20:17

Како во едно големо семејство се одвива рехабилитацијата на повредените на Пониква

На пониски дневни температури, во опремени простории со постојан надзор на лекари, физијатри, физиотерапевти и доктор по пластична хирургија се одвива процесот на рехабилитација на дел од повредените во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во одмаралиштето на МВР на планината Пониква сместени се 45 пациенти, а 16 одат на певрски во кочанската болница. 

- Имаме идеални услови. Најнапред сите пациенти се масираат, вежбаат, а потоа одиме на групни вежби во салата. Во попладневните часови повторно имаме масажи, па пак вежби и приквечер после 19 и 30 излегуваме надвор на разновидни спортски активности, изјави Никола Божиновски, физиотерапевт- КБ-Штип

Како едно големо семејство, без срам од околината, лекарите велат дека веќе е видлив напредокот во лекувањето на повредените. 

- Пациентите сега се многу социјализирани. Имаше пациенти што се прикриваа, што се срамеа од естетскиот изглед, од проблемите што ги имат од изгорениците. Сега тука се како едно семејство, сите се исто, толку се чувствуваат пријатно, опуштени, релаксирани и вежбите подобро течат и имаат рекреативни активности и на отворено откако ќе зајде сонцето, пешачиме, изјави Јагода Стојанова, физиотерапевт

На Пониква има доволно реквизити со кои на повредените ќе им се овозможи да ги вратат виталните функции на рацете и нозете. По принцип на ротација, првата група ќе остане 2 недели на рехабилитација на Пониква.