Македонија
29. јуни 2025 - 13:46

Тројца пациенти повредени во пожарот во Кочани сè уште се надвор од државата, втората група на Пониква заминува од средина на јули

Тројца пациенти повредени во дискотеката во Кочани сè уште се надвор од државата, двајца се лекуваат во Турција и еден во Словенија, а втората група повредени на Пониква заминува од средина на јули, информираше денеска министерот за здравство, Азир Алиу, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата во Министерството за здравство.

Во моментов, информациите околку пациентите кои се лекуваат во странство се дека се во стабилна здравствена состојба. Во нашата држава, беше посочено, во Клиничкиот центар на Пластична хирургија, има пациенти кои се таму заради длабочината на повредите, здравствено биле стабилни. Двајца пациенти се во приватната болница „Систина“. Редовно се следи состојбата на сите пациенти. 

- Во Пониква во моментов е првата група, при крај, таму со нив се и пет физиотерапевти кои работат по програми, специјалист физијатар и општ хирург. Таму младите сакаат да продолжат и понатаму, имаме барања од некои од нив да продолжат и со втората група. Втората група ќе биде упатена најверојатно од втората половина на јули, одговори Алиу. 

Околу обвинувања на блиски на загинати во пожарот во Кочани, за несоодветен третман во болницата во Кочани и недостиг на соодветна опрема, веднаш по трагедијата, министерот рече дека истрагата од надлежните служби, би требало да даде одговор на многу прашања во врска со трагедијата. Откако бил министер, рече дека кочанската болница е меѓу топ приоритети и дека прават максимум во рамки на можностите за нејзино соодветно опремување. Дополни дека работна група континуирано работела на тоа. 

Во врска со Онкологија, тој рече дека сега има терапија, а најави дека в понеделник ќе има средба со директорот, за да се види како може да се подобри таму состојбата што е можно побрзо. 

Министерот повтори дека инфраструктурата во „Бардовци“ не личи за болница, а предизвик бил и човечкиот фактор. Имало многу малку доктори. Тоа што можело да се реши веднаш, се решило. Биле донесени и некои одлуки, стручни лица да доаѓаат на помош и да даваат услуги во оваа болница.

Околу решението за користење паркинг-простор од страна на вработените во Клинички центар, надвор од кампусот, министерот рече дека имало и позитивни и негативни реакции. Тој наскоро најави и втора фаза од решението околу проблемот со паркингот, што ќе подразбира уредување на паркинг-просторот внатре во кампусот.