Македонија
29. јуни 2025 - 18:04

Пожар кај селото Јосифово, побарана воздухопловна поддршка

Пожар денеска избувнал во атарот на валандовското село Јосифово. Центарот за управување со кризи информира дека гори сува трева, а поради силниот ветер и високите температури, огнот брзо се шири кон населеното место.

На терен интервенираат пожарникари од Валандово и Гевгелија. Според информациите на ЦУК, на терен се седум пожарникари со четири возила од ТППЕ Валандово и тројца пожарникари со едно возило од Гевгелија.

По барање на градоначалникот, преку бројот за итни повици 112, побарана е воздухопловна поддршка и дополнителни тимови за справување со пожарот.

- Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш испрати барање до Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Секторот за специјални задачи (СИКС) при МВР за ангажирање на хеликоптер за гаснење од воздух. Хеликоптерот на МВР веќе е во воздух и се движи кон местото на пожарот, се наведува во информацијата од ЦУК.