Македонија старее, лани населението е намалено за 4.140 лица
Шеста година по ред Македонија бележи негативен природен прираст. Лани помалку деца се родени и во градските и во селските подрачја. Според последниот извештај на Државниот завод за статистика, населението е намалено за над 4000 лица.
Во 2024-та се родиле вкупно 16.061 дете, но починале 20.201 лице. Трендот е негативен и во градските, но и во руралните средини каде вообичаено бројот на новородени е поголем од починати. Најголемо учество во зголемување на наталитетот, но и во вкупниот број на умрени лица има во Скопскиот регион, додека најмалку деца се раѓаат во Источниот.
Скопскиот регион предничи и во бројот на склучени бракови, но и во бројот на разводи. Лани 54% од браковите биле склучени во градските средини, наспроти 46% во руралните. Овие бројки се пресликуваат и во разводите.
Жителите на Пелагонискиот регион најчесто се преселуваат од село во град, додека жителите на Скопскиот регион најчесто се иселуваат надвор од државата.
Податоците и од овој последен извештај на статистика потврдуваат дека наталитетот останува еден од најголемите проблеми, а државата постепено старее. Последниот попис покажа дека изминатите 20 години Македонија ја напуштиле над 170 000 работоспособни лица. По овие бројки статистика ги објави и проекциите според кои, до 2070-та година, населението во Македонија може енормно да се намали на 1,3 милиони жители.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар