Македонија
8. July 2025 - 16:35

ДЗР: За раскинување на договорите за нов Клинички и болницата во Штип фирмите бараат 45 милиони евра отштета

Граѓаните без нов Клинички центар и нова болница во Штип, а треба да платат 45 милиони евра отштета. За раскинување на договорите фирмите со кои беше потпишан договор да ги градат овие капитални здравствени објекти повеле арбитражни постапки пред судот во Париз, констатира Државниот завод за ревизија во извештајот за работата на министерството за здравство во 2023 година.

Дополнително од заемот за овие проекти од 97 милиони евра од банката за развој при Советот на Европа искористени се само мал дел од парите, останатите 83 милиони неповратно се повлечени од страна на кредиторот поради неисполнување на условите и нереазлизација во предвидениот рок.

-Во делот на откажување на договорот за изградба на “Мајка Тереза” конзорциумот со кој имавме склучено договор до арбитражниот суд во Париз има поднесено отштетно побарување за нереализиран договор за околу 23 милиони евра, а за раскинување на договорот за Клиничката болница во Штип имаме исто така 22 милиони евра отштетно побарување. Значи имаме 45 милиони евра отштетни побарувања кои се неизвесни дали ќе се реализираат бидејќи не знаеме со каков исход ќе биде постапката и тоа го нагласување, изјави Сашо Матески, помошник на раководител на ревизија во ДЗР.

Од ДЗР посочуваат дека и покрај раскинување на договорот Владата презела обврска за доизградба на Клиничката во Штип бидејќи 1/3 од објектот веќе е изграден. Иако се речиси готови до денот на ревизијата не биле обезбедени услови за пуштање и на болниците во Струмица и Св.Еразмо во Охрид каде градежните активности почнаа пред 10-тина години.

Ревизорите во извештајот за работата на министерството констатирале дека буџетот не е доволен за реализација на програмите за здравствена заштита меѓу кои за ретки болести, обезбедување на инсулин и рано откривање на малигни заболувања.

-Како најголем проблем во овој дел го истакнуваме димензионирањето на буџетот кој се однесува за програмите, што не било доволно за навремено и целосно подмирување на обврските кон јавните здравствени установи и дополнително ја влошило нивната ликвидност, вели Сашо Матески, помошник на раководител на ревизија во ДЗР.

Во 2023-та за кога се однесува и ревизијата министри за здравство беа Беким Сали до крајот на февруари, а останатите 10 месеци од истата година со ресорот раководеше Фатмир Меџити.