Македонија
9. July 2025 - 17:21

Црн облак го покри Скопје - се запали отпад за старо железо: се евакуираше дел од населението

Пукот и експлозии, црн облак видлив од секој дел на Скопје, евакуцаија на население. Драматичен пожар утрово ги вознемири жителите на метрополата. Се запали отпад за старо железо во Визбегово. Горат хаварисани возила на кои имало монтирани плински уреди по што одекнаа детонации од истите.

Пожарот почна во 9 часот. Службите со часови не можеа да интервенираат врз пожарот поради опасноста од експлозиите. Поради силниот ветер се евакуираше и локалното население.

По пладневната интервенција на полицискиот хеликоптер и ер тракторот теренот стана попристапен за пожарникарите и почнаа да гаснат - по што состојбата значително се подобри.

Причината за пожарот се уште е непозната. Но, фирмата за отпад за старо железо е АСД Метал Груп. Нејзиниот сопственик заврши во полиција по масовната тепачка која се случи додека го гаснеа пожарот. 

-Поради непочитување наредба од службено лице приведен е А.Н. сопственик на правнот лице што управува со отпадот.

Сопственикот на отпадот утрово нападна и медиумска екипа, за што следеше и реакција од ЗНМ.

-Здружението на новинарите на Македонија најостро го осудува денешниот физички напад врз новинарската екипа на телевизијата АЛСАТ М, која известуваше за големиот пожар на дивата депонија во Визбегово. Според информациите од колегите, новинарот Авни Тахири и снимателот Шенол Хајредини од екипата биле физички нападнати од лице сопственик на отпадот за кој се смета дека го предизвикал пожарот. Напаѓачот насилно му го одзел мобилниот телефон на новинарот Тахири и го фрлил во огнот, а снимателот Шенол Хајредини бил исто така нападнат и му била скршена камерата. Лицето е уапсено од страна на Министерството за внатрешни работи, а случајот е пријавен во МВР.

Градоначалникот на Шуто Оризари за Сител вели дека лиценцата за работа на фирмата е истечена во февруари годинава.

Денеска поради интервенцијата во болница заврши еден пожарникар.