Убиениот кај Батинци е припадник на АРМ - имал прострелни рани во градниот кош
Припадник на АРМ е 50 годишниот маж убиен при пукање во Батинци. Со две прострелни рани во градниот кош и без знаци на живот бил однесен во Клиниката за хируршки болести “Свети Наум Охридски”.
-Веднаш беа преземени мерки за реанимација, но пациентот беше веќе мртов. Констатиравме смрт на лице место, вели Др Ристо Пејков – Клиника за хируршки болести “Свети Наум Охридски”.
Убиениот бил застрлан во возило киа во движење пред влезот на селото. Осомничениот за пукањето е во бегство и според неофицијални информации, бил баран со потерница и е дел од позната криминална банда. Полициски службеници извршиле увид на местото на настанот и засега се уште не се познати мотивите и околностите за престрелката.
-Денеска (11.07.2025) околу 10:15 часот во СВР Скопје, лицето М.Е. пријавил дека на влезот на село Батинци, скопско, лицето М.Џ. пукал со огнено оружје кон патничко возило ‘Киа’ кое било во движење. А.М. (50) се здобил со прострелни рани во пределот на градниот кош и бил пренесен во ГОБ ‘Св. Наум Охридски’, каде во 11:00 часот од страна на доктор била констатирана смрт, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР
За настанот во Батинци, дежурен јавен обвинител изврши увид на лице место и издаде наредби и насоки за прибирање докази. Сторителот е идентификуван, но е во бегство и по него се трага, велат од Обвинителството.
Длабока жалост до семејството на починатиот изразија од АРМ од каде соопштија дека е нивни припадник.
-За време на трагичниот настан лицето не било на служба во Армијата, односно било на користење слободен ден. На лице место е излезен јавен обвинител, органи на МВР и дежурна служба на Воената полиција, стои во соопштението на АРМ.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека истрагата е во тек.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар