Тошковски изрази сомнеж дека инцидентот со Арсовска е добро смислено сценарио
Добро смислено сценарио за политички циркус. Ваков сомнеж изрази првиот човек на полицијата во гостувањето во Тема на Денот на Сител по инцидентот во кој е нападната скопската градоначалничка Данела Арсовска.
Министерот Панче Тошковски вели дека градоначалничката не се одзвала на повикот да отиде во полициска станица за да го пријави инцидентот. Заминала во болница кадешто, како што кажа Тошковски, констатирано било црвенило на левата потколеница, па дури потоа се појавила во полициска станица.
-Дошла во Полициска станица, била примена од страна на полициски службеници. Отпочнале со полициски дејствија. Меѓувремено контактирале Јавен обвинител. Лицето коешто го навел како такво е приведено, е во полициска станица, и плус други две лица кои вербално се заканувале. И пазете сега, при составување на записникот и примање на пријавата од страна на госпоѓата истата станала и си отишла. Не потпишала записник, замислете. Повторно само на Фејсбук парадираме, на социјални мрежи итн, а притоа, госпоѓата не потпишала записник. Сега се постапува прашање да не случајно жртвата во овој случај којашто се прикажува во јавност е токму оној којшто предизвикал физички напад? Да не испадне на крајот такво нешто?, тврди Тошковски.
Во меѓувреме на социјалните мрежи почна да се дистрибуира видео од безбедносна камера за кое се тврди дека е направено за време на инцидентот. Чадор попречува да се види целата ситуација, но може да се забележи удар.
Градоначалничката, по интервјуто на Тошковски повторно се јави во живо на Фејсбук, кадешто тврди дека по еден час распит нагло расположението кај службенциите се променило, а тие, како што тврди Арсовска, се обиделе да го прикријат инцидентот. Во пишана изјава за Сител Арсовска вели дека и таа поседува видео од инцидентот и најави дека ќе го објави.
-Имам јас снимка каде што се гледа многу добро како ме шамара. Имам 10 службени лица кои беа присутни на настанот. Штитат криминал, не ви посакувам никогаш да ве нападне никој во Македонија, бидејќи нема кој да ве заштити, штитат криминалци, вели Арсовска во изјава за Сител.
Од Јавното обвинителство велат дека пријава за инцидентот од страна на МВР се уште не е поднесена. Но според досегашните известувања процесуирани ќе бидат двајцата напаѓачи, но не и градоначалничката.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар