Родителите на починатите деца во трагедијата во Пулс огорчени од средбата со премиерот
Огорчени и револтирани од епилогот на средбата со премиерот пред десет дена, родителите на починатите деца од трагедијата во Кочани, јавно напишаа како сметаат дека биле пречекани во Владата на 7 јули. Велат дека наместо поддршка добиле понижување без искрено сочувство за нивната болка. Посебно ги погодил односот на премиерот на нивното барање за еднократна парична помош за секое семејство погодено од трагедијата, за душевна болка и нематеријална штета, преку Фондот за итна поддршка од државниот буџет.
- Добивме одговор кој не само што нè понижи, туку длабоко нè навреди како родители и како луѓе: „Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца“, стои во обраќањето до јавноста на Здружението на граѓани 16 март 2025 Кочани.
Злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина е одговорот од Владата кои ги демантираат наводите пренесени во дел од медиумите за состанокот со роднините на загинатите од кочанската трагедија.
- Сведување на дискусијата на „здраво како сте“ и „колку чини“ не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни што е несоодветно и неточно.
„Апелираме да не се злоупотребуваат овие настани и моменти, да не се суди врз база на гнев и тенденција, а владата секогаш ќе биде тука за семејствата и колку што може – максимално ќе им помага во барањата кои се рационални и врз основа на закон и ингеренции“, стои во соопштението од Влада.
Здружението на граѓани 16 март 2025 Кочани на 1 јули испрати барања до државниот врв - еднократна парична помош за секое семејство погодено од трагедијата, за душевна болка и нематеријална штета, преку Фондот за итна поддршка од државниот буџет, предвремено пензионирање или инвалидска пензија за родителите на починатите во трагедијата, право на отсуство или заштита на работното место по трагичната загуба, поддршка на децата кои изгубија родител и заштита на браќата и сестрите на починатите. Освен средба со премиерот, досега не добиле одговор ниту од претседателката на државата ниту од претседателот на Собранието.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар