Мали шанси за заедничка резолуција во Брисел за македонскиот идентитет
Мали се шанси Бугарија да прифати, а Европскиот парламент да изгласа резолуција во која ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик, како гаранција дека официјална Софија нема да има дополнителни барања надвор од внесувањето на Бугарите во Уставот на евроинтегративниот пат. Според, бугарските експерти и поранешни дипломати, европарламентарците веќе го затвориле ова прашање со последниот извештај.
Предлогот за заедничка резолуција во четвртокот го објави премиерот Мицкоски, а потоа доби поддршка и од неговата пратеничка група. Официјалните бугарски власти засега молчат за ваквата идеја. Опозиционерот Филипче пак, побара посериозен пристап, односно за предлозите кои треба да бидат единствен македонска позиција да се разговара преку парламентот.
Во меѓувреме, партиите дома меѓусебно се обвинуваат кој повеќе им служи на бугарските служби.
Информациите говорат дека одредени кругови во СДС и блиски до нив, се целосно финансирани од бугарски фондови, а до цел оркестрирано измислување и ширење на лаги и конструкции за политичари од ВМРО-ДПМНЕ и државниот врв. Ова што го зборуваме, многу јасно се гледа и од брзината со која фабрикациите за ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски од бугарските медиуми, се шират во македонскиот етер од структури блиски до СДС. Како поткрепа на оваа антимакедонска пропаганда, стои Венко Филипче и неговата скриена за јавноста позиција, дека ќе прифати внесување на Бугарите во Уставот, без било какви барања. Опозициската СДСМ пак, стои на ставот дека власта манипулира и со пропаганда за наводни странски служби се обидува да ја дефокусира јавноста од вистинските проблеми.
- „Оваа излитена пропагнда е прочитана пред десет години и никој повеќе не ви верува. Параноичните приказни за странски служби не носат леб на масата на луѓето, ниту некој во нив верува. Затоа, ние во СДСМ нема да дозволиме да ја тргнете темата од реалните проблеми и скандали кои ги продуцирате како на лента. Реалните прашања на кои мора да одговорите: Зошто молчите за бугарскиот пасош на Мицкоски? Зошто ги омаловаживте семејствата на загинатите деца со пазарење за животите на нивните најмили? Зошто ја претворате полицијата во ваша партиска милиција?“, реагираат од СДСМ.
-
Катерина Нешковa
Сите содржини од овој новинар